Протокол на ЦК на ВМРО за востановување на дејноста по Првата светска војна | ||||||||
11.06.1920 год. Централниот комитет на ВМРО на своето денешно заседание – 11.VI.1920 год. – откако ги зеде предвид новосоздадените услови во Македонија, останата под ропството на Југославија и Грција, како и тешката политичка, економска и внатрешна положба, во која се наоѓа Бугарија, ја изработи следната директива за дејност во Македонија: I. Целта на Организацијата си останува, како и досега: извојувањето на слободата – под форма на автономија или независност – на Македонија, во нејзините етнографски и економски граници. А. Во Македонија под српско ропство Организацијата си ја постави следната непосредна задача: Внатрешната македонска организација поради причини од внатрешен политички карактер и од тактички мотиви засега ќе содејствува наполно со сите, кои што се борат внатре по легален начин – врз основа на законите во државата и во согласност со другите поробени народности во Македонија и другите области на Југославија – за извојување на федеративно управување во Југославија со Македонија – рамноправен член во федерацијата. За постигање на горната задача или за успешно водење на легалната борба, Внатрешната македонска организација ќе содејствува да се создаде, доколку условите тоа го дозволат, една легална организација под името „Македонски федеративен сојуз“, слично на Сојузот на Конституционите клубови во Турција (1908-1910), која што организација ќе води легална борба, влегувајќи во врска и разбирање за заемна дејност со организациите и партиите во другите области на Југославија, кои исто така ја следат горната цел. Основните начела, на кои ќе се потпира Македонскиот федеративен сојуз, може да бидат следните: 1. Секоја област да има полно самоуправување, со свое Народно собрание, форма на внатрешно управување согласно вољата на населението, со официјални јазици на оние од мнозинствата од населението. 2. Општо Народно собрание со сразмерно претставништво од сите области, општи министри за надворешни работи, за финансии и за војската, општи официјални јазици. 3. Називот на државата: Федерација на Срби, Хрвати, Словенци, Бугари и др. За да се организира населението внатре, како и да се зачува народноста и да се извојува слободата на Македонија, исто така во прво време и за водење на легалната борба, да се испратат на секои две-три околии по три-четири души легални и нелегални агитатори. Нелегалните треба да се движат многу претпазливо, за да не го изложуваат населението на прогонување од српската власт. Б. Во Македонија под грчко ропство, каде условите се многу различни и потешки, отколку во Југославија, Организацијата ќе има за главна и непосредна задача: да се зачува националната свест и името на бугарското население таму и да се најдат начини тоа да не емигрира – да не се примени договорот за „доброволно“ иселување, склучен меѓу грчката и бугарската влада, затоа што и без тоа бугарскиот елемент таму е значително разретчен од 1913 год. наваму. Доколку дозволуваат условите, да се работи заеднички со другите националности таму – Турци, Евреи, па и со македонските Грци, кои се незадоволни од однесувањето и управувањето нан Грците од кралството – за извојување права за месната самоуправа, слобода во јазичен, просветен, религиозен и друг однос. Врските со грчка Македонија ќе се одржуваат преку пунктовите началници во Петрич и Неврокоп, а за пооддалечените краишта, како Воденско, Костурско и др., ако се создадат благопријатни услови за тоа и преку Битола-Охрид. На истото заседание се донесоа и следните решенија: II. За да бидеме добро запознати што станува во Југославија, Грција и др. и за да можеме да го запознаваме опшественото мнение во Бугарија и странство за тешката положба на нашите сонародници, останати под ропство, во Софија се формира „Информационо биро во Претставништвото на Организацијата“, согласно чл. 131 и 132 од правилникот. За таа цел да се авансираат суми за набавување на неопходните книги, весници и списанија од Југославија, Грција и др., коишто го засегаат македонското прашање. Ако се укаже за возможно, да се отвори слично информационо биро под форма на читалиште во некој град на Македонија под српско ропство, каде условите се поблагопријатни за тоа. III. Во отсуство на Тодор Александров од Бугарија во Претставништвото на Организацијата да го заменува другиот член од Центр. Комитет – Петар Чаулев, а за советници на задгр. Претставништво на Организацијата освен досегашните г. професорите д-р И. Георгов, д-р Љ. Милетич и Н. Милев да се поканат уште и г. Баждарев Георги, кој земал активно учество во револуционерното движење во Серскиот револ. Округ и за време на Илинденското востание бил со чета и г. Кирил Прличев, долгогодишен раководител во Воденската револуционерна околија. IV. Да се искористи ова лето, за да се засили Организацијата внатре, да се стегнат редовите, да се создадат врски со цела Македонија, да се создадат канали, пошта и др., внимавајќи тоа да се направи многу претпазливо, за да не им се напакости на бугарското население внатре и да не се излага Бугарија. V. Да се откупат (100) сто примероци од книгата на П. Дарвингов „Историја на Македонско-Одринското движење“. |
||||||||
Подготвува: Цане Ѓорѓиевски |
||||||||